Што е Света Гора?

Света Гора (Άγιον Όρος) се наоѓа на третиот крак на полуостровот Халкидики во Егејска Македонија. Тоа е област во рамките на провинцијата Централна Македонија во Грција. Станува збор за автономна држава под грчки суверенитет. Како дел од поголемиот полуостров, таа е долга 60 км, широка 7 до 12 км, а има површина од 390 км².

Sveta_Gora (2)

Вовед

Самата природа и локацијата на ова прекрасна место зрачи со уникатност: ридест терен, покриен со густи шуми, испресечен од безброј теснеци, некогаш благи, понекогаш груби, опкружен со кристално јасните води на Егејското Море. На полуостровот доминира планината Атос, чиј врв од гол камен се издига до 2033 метри надморска височина и често е прекриен со облаци.

Атос е еден од православните центри во светот, седиште на 20 православни манастири. Само на монасите им е дозволено постојано да престојуваат на Света Гора, а моментално таму живеат околу 2000 монаси.

Во античко време Света Гора била позната како Аполонија, а на нејзиниот врв имало храм посветен на Зевс. Црковното Предание кажува дека Божјата Мајка, при едно свое патување со брод од Кипар, поради невремето, вдахновена од благодатта на Светиот Дух, пристигнала на брегот на Атос. Таа со својата проповед го придобила месното незнабожечко население и така тоа било покрстено. А потоа, како што вели Преданието, Богородица направила многу чуда. Пред да го продолжи својот пат Таа на оваа планина поставила за пастир еден од апостолите, и го благословила народот со зборовите: „Божјата благодат нека биде врз ова место и оние што живеат овде и ги исполнуваат заповедите на Синот и Бог Отецот. Неопходното за животот со мал напор ќе го имаат во изобилие, а милоста на мојот Син ќе им обезбеди живот на небесата. Јас ќе им бидам молитвена застапничка пред Бога”. Тогаш Богородица Света Гора ја нерекла своја градина.

До 313 г. кога св. цар Константин го издал Миланскиот едикт за граѓанските права и слободи на христијаните, на Света Гора монаштвото било развиено и веќе имало манастири. Во 442 г. е донесена одлука со која на жените им се забранува пристап на полуостровот. До тоа дошло поради следниов настан: ќерката на царот Теодосиј Велики, принцезата Плакидија, го посетила Ватопед, но од иконата на Богородица чула глас дека треба да замине. Оттогаш оваа одлука е потврдена неколку пати во текот на бурната историја затоа што во неколку наврати жени се обидувале прикриено да влезат на забранетата земја.

Во 10 век монасите добиваат право за самоуправа на Aтос, а нивниот број оттогаш значително се зголемил. Света Гора станува дом и на словенски монаси: Руси, Срби,  Бугари, Македонци… Во 1453 година, со распадот на Византија, доаѓа периодот на турското владеење, но на Света Гора се зачувува слободата на православната вера и самоуправа. Царска Русија во тоа време во голема мера ја помага Света Гора.

Денес, на Света Гора има 20 големи манастири, 12 скитови, келии и други монашки населби, а во нејзините карпи има и пештери во кои монасите живеат сами. 17 се грчки манастири, и тоа: Голема Лавра, Ивирон, Дионисијат, Григоријат, Свети Павле, Ксиропотам, Ксенофон, Кутлумуш, Пантократор, Филотеј, Каракала, Дохијар, Есфигмен, Симонопетра, Ставроникита и Констамонит. Хиландар е српски, Памтелејмон руски, Зограф бугарски, а романците го имаат скитот Св. Јован Крстител.

Кареја е средновековен град во срцето на Света Гора. Тој е административен центар на Света Гора и тука сите манастири имаат седишта.

Полуостровот го посетуваат голем број православни верници од целиот свет и многу луѓе со добра волја. Сепак, треба да се напомене дека не станува збор за туристичка дестинација. Манастирите не се хотели и неопходно е да се почитува нивниот типик (начин на живот), поради монасите, кои го практикуваат гостопримство како еден од најважните христијански добродетели. Посетата на  Света Гора треба да се испланира однапред, неколку недели пред пристигнувањето, а денот на влегувањето е наведен во дозволата за престој. Бројот на посетители е ограничен на 120 дневно, престојот, исто така, е ограничен на 4 дена, а во еден манастир може да се задржите 24 часа. Повеќедневниот престој на Света Гора треба да биде одобрен од Кареја и тоа заради оправдани причини. Секој манастир има посебен дел за гости. Вообичаено е еден монах, кој е домаќин, да ви понуди освежување: свежа вода, кафе, локум, манастирска ракија. Ќе ве запознаат со изгледот и историјата на мастирот и ќе добиете информаци за времето за трпеза и богослужбите. Престојот во манастирот е единствена можност да се видат богатите манастирски ризници и да се поклоните пред светите мошти. Во трпезаријата владее молитвена атмосфера, не е пожелно да се разговара, а на зајдисонце сите полека се повлекуваат во својата соба без гласен разговор. Недолична облека (кратки панталони и маици) не се дозволени, ниту снимање со камера. За сликање на монасите и манастирскиот двор треба да се побара благослов. Бидете сигурни дека монасите не се туристичка атракција и треба да бидат поштедени од непотребно малтретирање. На Света Гора е забранет лов, риболов и пливање.